Дерби без драма, Вардар лесно го доби Е. Пелистер

Foto: RK Vardar 1961

ВАРДАР 1961 – Е. ПЕЛИСТЕР 31-23 (15-12)
Љевар 7, Да Силва 6 – Кузмановски 9, Пешевски 4


Вардар го доби големото дерби со Еурофарм Пелистер без драма и неизвесности. Резултатски убедлива победа, извојувана без претерана мака, благодарение најмногу на пет минути лоша организација на играта седум на шест кај гостинскиот тим, во кои беше прекршен резултатот.

Првото полувреме мина во знак на блага доминација на Вардар 1961. По успешните воведни напади, Валах одбрани два зицера по ред, а Вардар веднаш казни и поведе со 5-2. Тоа беше знак за Лино Червар рано да побара тајм-аут. Потоа очекувано видовме игра седум на шест, која му донесе резултатско приближување на гостинот од Битола и разликата се намали на само еден гол. Но, Ник Хенигман заработи исклучување, што го наруши ритамот на Е. Пелистер, а Иван Чупиќ одговори со игра седум на пет додека битолчани беа без Хенигман.

Разликата повторно се искачи на плус три, но тоа беше и највисоката предност остварена во првиот дел.

Е. Пелистер успеа да се врати во игра, повторно намали на гол негатива и таа разлика беше актуелна и по 20 минути игра. Но, Вардар успешно ја одржуваше предноста, првенствено преку Леон Љевар, кој во првиот дел постигна седум од вкупно 15 гола на домашниот состав. По 30 минути игра, резултатот беше 15-12.

Во второто полувреме, битолчани намалија на еден гол негатива (15-16), а потоа следеше клучниот дел од натпреварот. Играта седум на шест и овој пат им се удри од глава на Лино Червар и Е. Пелистер. Две пресечени топки од страна на Силва, две одбрани на Васил Гогов и сето тоа казнето со голови на празна мрежа. Од 16-15, за само пет минути резултатот стана 22-16 (41. минута).

Од тој момент до крајот, остана само да се доигра натпреварот.

Немаше амбиент за пресврт. Можеби поблиску беше Вардар до предност од десет гола, но разликата се задржа во рамките на седум до осум гола. Во финишот шанса за настап добија и помладите ракометари, што не се одрази на резултатот.

Мечот беше прекршен во вториот дел, но не би рекле дека играта седум на шест е единствениот виновник за ваквиот епилог, иако можеби беше директната причина. Вардар има добро склопен состав, кој се калеше и низ тешките натпревари во Лигата на шампионите, додека од сите играчки промени што се случија летово во Еурофарм Пелистер, на терен ги видовме Мартин Серафимов и Саду Нтанзи. И двајцата имаа споредна улога и не оставија посебен впечаток во ова дерби.