Европската ракометна федерација го додели првиот победнички пехар на клупската сцена во сезоната 2024/25. Во женската Европска лига се одигра петтиот Фајанлфор турнир од вкупно 44 изданија на ова еминентно натпреварување, своевремено познато и како ИХФ Куп, подоцна ЕХФ Куп.
Завршниот турнир се играше во австрискиот Грац, а четирите учесници беа германските Бломберг и Турингер, односно Икаст од Данска и Дижон од Франција. По полуфиналните пресметки во финалето се сретнаа Турингер и Икаст, а по голема борба победи германскиот тим со резултат 34-32. Третото место го освои екипата на Дижон.
Од гледна точна на македонскиот ракомет, овој турнир беше важен затоа што прв пат во ваков формат во финалето судеа македонски судии.
Силвана Карбеска и Марија Илиева се првиот женски пар од Македонија што добил ваква одговорност од ЕХФ. Количеството на вложен труд низ годините, неспорниот квалитет не само индивидуален туку и на македонскиот ракомет воопшто си дојдоа до израз и македонскиот пар одлично си ја заврши задачата со што си отвори врата за во иднина да добива доверба и за други големи настани од клупската и од репрезентативната сцена и тоа не само во женскиот ракомет.