фото: Филип Вирановски
МАКЕДОНИЈА – ЛИТВАНИЈА 26-17 (13-11)
Македонија: Митревски, Томовски, Карасманакис, Маркоски 1, Кузмановски 5, Костески 1, Митев 1, Ивановски 2, Ојлески, Пешевски 3, Јагуриновски 2, Лазаревски 2, Џонов 3, Аларов, Серафимов 5, Атанасијевиќ 1
Репрезентацијата на Македонија ќе биде дел од Европското првенство 2026! Во последното коло на Македонија и требаше победа од два гола над Литванија, а победи со повеќе од минималната разлика и ќе оди на ЕП!
Мечот почна лошо за македонскиот состав. Нашите играчи промашија неколку шутеви, а гостите имаа одлични 10 минути во кои поведоа со 4-0, а Кирил Лазаров мораше да бара тајм аут. Гостите играа одлична одбрана, нивниот голман имаше четири одбрани во првите пет минути, а во напад решаваа со шутеви од дистанца. Добро во лошото е што ова се случи на почетокот, па нашиот тим имаше време да се консолидира.
Мартин Ивановски, новата надеж на македонскиот ракомет постигна два гола со кои го подразбуди нападот, на голот застана Мартин Томовски кој ги неутрализираше шутевите од дистанца и им ја одзема самодовербата на бековите на Литванија, а потоа со влегувањето на Серафимов во игра кој постигна три гола по ред, Македонија стигна до израмнување.
Резултатски, во првите осум минути не постигна гол (0-4), а во следните десет се трошеше и бореше да ја анулира разликата. Израмнивме во 18 минута (7-7), а потоа имавме водство од 10-8 и два напада за плус три разлика што не беа реализирани.
На полувреме 13-11, а во вториот дел почна рапсодија на македонскиот тим.
Одбраната на нашиот тим беше на врвно ниво, гостите за 20 минути постигнаа само три гола, а Македонија по 16-11 во 33 минута, поведе со 19-13 во 44, потоа водеше и 21-14, а стигна да брка и двоцифрена предност откако поведе со 25-16.