Македонија со победа над САД го заврши СП У21

Photo: IHF/Kolektiff
 

МАКЕДОНИЈА – САД 47-28 (24-13)
Белистојаноски 7, Калајџиески 5, Субашевски 5 – Кампос 6, Трамер 4

 

Македонската репрезентација до 21 година го одигра својот последен меч на СП, воедно последен заеднички за оваа генерација во младинска конкуренција.

Ова беше натпревар за 25 место на Светското У21 првенство. Не беше ова меч што го очекувавме за крајот на оваа генерација, но и тоа е дел од спортот. Ако земеме предвид колку вистинско внимание се посветува на развојот на играта кај нас, дека не сме во чекор со светските трендови по кој се игра ракомет и сите други „ситници“ што се занемарени во домашната трка по резултати, тоа може да се преслика и во реалниот напредок на младите играчи и на крајот на денот на резултатите.

Македонија денеска за противник ја имаше репрезентацијата на САД, репрезентација од сосема поинаков ранг од рангот на кој е Македонија дури во своите најлоши изданија. Средбата имаше лесен ритам за македонските ракометари и добро послужи за подобрување на индивидуалната статитстика на нашите репрезентативци, иако тоа нема генерално да ја смени сликата. На полувреме беше 11 гола предност за нашиот тим, крајниот резултат е реалното пресликување на односот на силите.

Македонија мундијалот го заврши на 25 место, ако се прават анализи за настапот, би требало да бидат подлабоки и да ги побараат суштинските причини за поразите во првата фаза плус „оној“ од Мароко.