Кои се можните противници на Алкалоид во квалификациите?

Актуелниот победник на ЕХФ Европскиот Куп, екипата на РК Алкалоид од Македонија претстојната сезона ќе се натпреварува еден степен повисоко, во ЕХФ Европската лига. Македонскиот претставник во ова натпреварување почнува од квалификациската фаза во која има вкупно 24 екипи од кои 12 ќе се пласираат во првата групна фаза. Мала привилегија имаат екипите на Партизан и Бањик Карвина, кои како шампиони на своите држави, а без рејтинг за ЕХФ Европската лига ќе играат посебни квалификации меѓусебе. Победникот продолжува во групната фаза, поразениот се сели во ЕХФ Европскиот Куп.

Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски


РК Алкалоид ќе ја нема таа привилегија и за нив сезоната почнува со вистински елиминации.
Ждрепката ќе се одржи на 15 јули, натпреварите од квалификациската фаза ќе се играат на 30/31 август и 6/7 септември. Домаќинот на првиот натпревар ќе биде одреден со ждрепката. Можни противници на РК Алкалоид се следниве екипи:

ХАНОВЕР (Германија), МАДЕИРА (Португалија), ТОРЕЛАВЕГА (Шпанија), МОРС-ТУ (Данска), БСВ БЕРН (Швајцарија), ХК МАЛМЕ (Шведска), МРК СЕСВЕТЕ (Хрватска), СТЈАРНАН (Исланд), ХРОБРО ГЛОГОВ (Полска), РК ГОРЕЊЕ ВЕЛЕЊЕ (Словенија) и АБЦ ДЕ БРАГА (Португалија).


Хановер е најопасниот противник кој демне во ждрепката. Оваа екипа ги задржа во меѓусезоната двете ѕвезди, Рејнарс Усчинс и Јустус Фишер, ги доведе Синдре Ахо од Монпеље и Аугуст Педерсен од Флензбург, а испрати неколку играчи меѓу кои и Владислав Кулеш и засилувањето за ГРК Охрид, Тилен Стрмљан.

Данскиот тим Морс Ту не звучи познато ниту атрактивно, но би било многу убаво ако не бидат тие противниците на Алкалоид. Им заминаа четири-пет ракометари, но тоа беа планирани заминувања. Во екипата имаат четворица дански јуниорски репрезентативци кои неодамна станаа светски прваци на мундијалот на кој Македонија заврши на 25 место.

Портокаловиот тим, Торелавега од Шпанија втора година по ред игра вонсериска сезона. Главно шпански ракометари со понекој Бразилец и Балканец во тимот. Го задржаа речиси целиот тим и тоа ќе ги направи дополнително опасни.

Ова е триото екипи што не би му ги посакале на Алкалоид за противници, иако со исклучок на германскиот тим, веруваме дека со сите други екипи ќе може рамноправно да се бори за место во групната фаза.

Поврзани вести