Ненад Костески: Со Алкалоид одиме по највисоки цели

Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски

Екипата на Алкалоид минатата сезона, на европската сцена демонстрираше брз ракомет кој кулминацијата ја достигна на натпреварот од 1/2 финалето на ЕХФ Европскиот Куп кога во Скопје беше наттрчан и со 42 гола во мрежата испратен назад дома Рунар Сандефјорд, тим од скандинавска земја каде што брз ракомет е единствениот модел по кој се игра.
Тренерот Кирил Лазаров имаше можност низ текот на сезоната да ги согледа сите аспекти, да ги види и добрите и лошите страни на играта, но и на своите играчи и клубот во меѓусезоната реагираше на трансфер маркетот и ангажираше типови на играчи што дополнително ќе ја забрзаат играта.

Три нови крила има во екипата на Алкалоид следната сезона. На левата крилна позиција ќе ги видиме македонскиот талент Давид Трајкоски и исландското крило Монси Тордарсон кој доаѓа со репутација дека е супербрз играч.
На десната крилна позиција, покрај Александар Петковски кој забележа голем напредок минатата година, сезоната ќе ја почне и добро познато име – Ненад Костески.
Струшкото „авионче“ по пет години минати во Битола се реши за нов предизвик и за прв пат во кариерата ќе игра во ист клуб со својот постар брат. Повозрсниот Никола е во период на рехабилитација и враќањето на теренот ќе го има во текот на есенскиот дел од сезоната.
На првата прозивка на тимот за своите очекувања зборуваше новото име во редовите на Алкалоид.

„Иако сум многу кратко овде, одлично се чувстувам во новата средина. Промените се добредојдени во спортот. Јас по пет години минати во Битола се решив за промена на средината па сега со нетрпение го очекувам новиот предизвик. Првите импресии се одлични и се верувам дека сѐ ќе биде како што треба“, изјави Костески.
Очекувања и амбиции
„Алкалоид е клуб што има големи амбиции и високи цели. Спремно ќе ги дочекаме и ќе одговораме на сите предизвици. Очекувам дека ќе ја вратам и ќе ја искачам на највисоко ниво мојата форма. Верувам дека ќе имам шанса и минутажа во кои ќе можам да се докажам и да се вратам на тоа што сум, вистинскиот – јас.
Професионалец сум, секогаш сум сакал и сум се стремел кон тоа да победувам и се фокусирам целосно на тоа. Ќе го дадам максимумот за да придонесам најмногу што можам за клубот да направи успеси“.

Играњето во ист клуб со својот брат
Посебно чувство и посебен момент во мојата кариера е што ќе играм во ист клуб заедно со мојот брат. Ние сме играле заедно во репрезентација, но никогаш не сме биле заедно во ист клуб. Сега ќе ни се оствари и таа желба. Секако дека тоа е многу позитивен момент за двајцата и мотивација плус на теренот.