Фото © Mkdhandball
Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска го објави обраќањето на претседателот Михаел Видерер на Конференцијата на клубовите одража уште во април. Најавената промена на системот на натпреварување во Лигата на шампионите (ЛШ) која следствено ќе има ефекти и во ЕХФ Европската лига и во ЕХФ Европскиот Куп веќе доаѓа во фаза во која треба да се одговори дали ќе има промена на системот, а ако има каков ќе биде следниот формат.
Пред Извршниот одбор на ЕХФ се наоѓаат шест различни предлози за промена на системот на натпреварување во ЛШ доставени од Форум Клуб Хендбал, национални федерации и од самиот ЕХФ. Пет од нив се со барање ЛШ да биде проширена на 24 клуба.
Но, дали ќе има проширување?
Обраќањето на претседателот Михаел Видерер не би го оцениле како двосмислено или како заземање на страна за да или не, но секако отвора повеќе опции за размислување.
„Лесно е да се промени системот на натпреварување, но што ќе ни донесе тоа? Ако не се создадат услови за врвно натпреварување, без оглед на тоа каков систем ќе имаме во иднина, системот не значи ништо. Во тој поглед развојот на продуктот, критериумите и условите се од големо значење. Целиот пакет, не може да се гледа само од натпреварувачки карактер, тој е само еден дел од пакетот.
Ова не е заклучок, туку дискусија. Ни треба појдовна точка“, ја пренесе денеска официјалниот веб сајт на ЕХФ пораката на Михаел Видерер.
Не е заокружено во календар, но очекуваме дека следниот месец би требало да има финална верзија за која ќе се дискутира или гласа. Од зборовите на Видерер, можеме да заклучиме и дека ако има проширување на ЛШ, тоа би можело да дојде и со специфична цена во поглед на заострување на критериумите. Тие генерално се познати и се однесуваат на ТВ права, маркетинг, комплетна организациска логистика, капацитетот и условите во салите во кои се игра, внатрешната организираност на клубовите, буџетите и слично.