Хеидарирад потпиша за Е. Пелистер

Фото: Маја Настиќ/ РК Партизан

Две убави вести за навивачите на Е. Пелистер денеска им сервираше клубот. Покрај објавата дека Рубен Гарабаја ќе биде нивниот нов тренер, клубот ја официјализираше и соработката со иранскиот голман Саид Хеидарирад за која MKDhandball веќе пишуваше.

Хеидарирад доаѓа од редовите на Партизан каде што дојде минатата сезона и реално направи разлика во битката за шампионскиот пехар кој белградскиот клуб го освои по децениската доминација на Војводина.
Партизан летово го врати во своите редови голманот Трнавац, кој сигурно ќе ја имаше улогата на прв голман, па Хеидарирад стана прескап за да биде втор голман и Партизан почна да бара опција за негово заминување.

Пред да дојде во Партизан, иранскиот нинџа бранеше во Романија во екипата на Динамо Букурешт. Таму доби и романско државјанство, но по селекторските промени не е во плановите на репрезентацијата.
Договорот на Е. Пелистер и Саид Хеидарирад е на две години.