Никола Костески: Посебен режим за побрзо враќање на терен

Фото: РК Алкалоид/Роберт Спасовски

РК Алкалоид на почетокот на сеозната нема да може да смета на помошта од двајца ракометари: Никола Костески и Марко Митев се во период на рехабилитација и нивното враќање на терен се очекува во есенскиот дел од сезоната.
Двајцата се со тимот во Маврово, но засега тренираат одвоено. Велосипедот е нивното најважно парче од опремата и дневно минуваат над 20-тина километри и откако ќе заврши оваа фаза од подготовките ќе се приклучат на тимот. Најважно од сѐ е дека процесот на рехабилитација се одвива без застој.

„Се подготвуваме во фаза со физиотерапевтот Тоше Трајковски, тој го води рехабилитацискиот процес за враќање на мускулот. Се чувствувам добро, се надевам дека ќе биде се како што треба. Тренираме заедно со Марко Митев за да ја вратиме формата, под специјална програма и со велосипеди“, вели Никола, повозрасниот од браќата Костески кои прв пат во кариерите ќе играат заедно во ист клуб.

„Прекрасно е да играме заедно и сум пресреќен, како постар сум тука да го советувам за се што треба, со цел да имаме подобар квалитет и да стигнеме до целта и да се креваме како играчи и тим. Бевме со него заедно во репрезентацијата во еден момент, а сега првпат сме заедно во клуб. Имаме оваа година квалитетен ростер на играчи, а пред нас е тешка и долга сезона.“

„За нашата екипа може да кажам дека сме добро склопени, со засилен ростер и имаме поставени цели кои се високи. Моментална пречка во Европа ни е Хановер, тоа ќе бидат наши две први официјални средби. Сигурно дека го добивме можеби најтешкиот ривал, но ќе се надигруваме. Нема да потклекнеме пред ривалот, иако Хановер е бундеслигаш кој беше прво место во поголемиот дел од сезоната.“
Моментално, ако согледаме одблизу македонската лига е на највисоко ниво, оваа година сме четири до пет квалитетни екипи во битка за горниот дел на табелата. Нашите цели секако се највисоки и во лигата и во Купот, така што ќе играме против секого.“