Т. Пролет ги претстави новите играчи и ги почна подготовките

Фото: РК Тинекс Пролет 62

Екипата на Тинекс Пролет битката за место во суперлигашкиот плејоф ќе ја води со четири нови ракометари.

Скопскиот клуб ги презентираше засилувањата и ги почна подготовките за претстојната сезона. Десетдневните подготовки пред да го одигра првиот контролен натпревар ќе се реализираат во Скопје. Потоа на 16 август против екипата на Мулти Есенс ќе го има првиот тест, а потоа ќе следува настап на прилепскиот меморијален турнир „Миле Нешкоски“, каде што во групата ќе игра со Е. Пелистер 2 и Ц. Звезда од Белград.
Што се однесува со квартетот на нови ракометари, Т. Пролет на својата веб страна ги презентираше засилувањата.

Поранешниот македонски репрезентативец Марко Мишевски е нов ракометар на Тинекс Пролет. Мишевски, кој настапува на бековската позиција, е поранешен играч на Металург и Вардар, а како член на „црвено-црните“ стигна и до трофеј во Лигата на Шампионите. Последниот ангажман го имаше во Франција, а овој трансфер претставува негов камбек во мак-ракометот.

Марко Трајковски е ново име во таборот на Тинекс Пролет откако 23-годишниот пивот го стави својот потпис и се враќа назад во клубот за кој настапуваше како младинец. Тој минатата сезона ги бранеше боите на Борец Велес, а претходно има настапувано и за Бутел, Јуниор КВ, Тиквеш, Голден Арт...

Бојан Солев е нов чувар на мрежата кој заедно со Даскалоски и со Трајков ќе го сочинува голманското трио во Тинекс Пролет. Станува збор за голман роден 2000 година кој минатата сезона настапуваше во Борец Велес, а претходни имаше неколку ангажмани во пониските германски лиги.

Квартетот на засилувања го заокружуваме со Кристијан Давитковски, искусниот десен бек кој до пред две години ги бранеше боите на Тинекс Пролет, потоа реши да се пресели во Бутел од каде сега се врати назад.










Во однос на ланскиот играчки ростер, тимот летово го напуштија пивотот Стефан Атанасовски и голманот Андреј Петковски, на кои им посакуваме многу среќа во следните чекори во кариерата.