Алкалоид одборјува до мечот со Хановер

Од Хановер, Ристо Ѓамовски
Фото: РК Алкалоид/Роберт Спасовски

Само уште неколку часа го делат македонскиот РК Алкалоид до првиот квалификациски натпревар со ТСВ Хановер-Бургдорф во неблагодарниот систем на ЕХФ во Европската лига.

Актуелниот победник на ЕХФ Европскиот Куп беше сместен во квалификации во кои беше и еден од најсилните германски тимови и ждрепката сакаше токму тие два тима да ги вкрстат копјата уште во квалификациите.
И ова не е прв пат, пред две сезони ваква среќа имаше и РК Вардар 1961 кој за противник го доби Рајн Некар Ловен.
За системот на ЕХФ што очекувме уште есенва да биде променет и пред две години зборувавме, а и сега можеме без грижа на совест да кажеме дека е неблагодарен и го отсликува слабиот слух на Виена.

ТСВ Хановер-Бургдорф е фаворит, но РК Алкалоид веруваме има подобри шанси отколку што се предвидува. Сепак, тешко е да се одреди што е за очекување. Сезоната уште не е почната и екипите не се во вистинскиот натпреварувачки ритам. Двата тима имаат неколку нови ракометари, физиономијата на тимовите е променета и додека не се судрат на теренот, може само да се нагаѓа како ќе изгледа мечот и од кого што може да се очекува.



РК Алкалоид од вчера е во Хановер, одработи еден тренинг, а денеска имаше кратка прошетка за да се раздвижи пред попладневниот предизивик.
Најавено е дека денеска на трибините кои можат да соберат 4.500 гледачи ќе има околу 250 македонски фанови од дијаспората кои организирано ќе дојдат на натпреварот да му дадат поддршка на РК Алкалоид.
Директен ТВ пренос ќе има на МТВ1.