Струмица остана без ракомет

По повеќе од 25 години континуирано учество во системот на натпреварување на РФМ, Струмица останува без ракомет.
Екипата на Астраион го информираше РФМ дека се откажува од натпреварувањето и со тоа ја спушти завесата за ракометот во градот, се надеваме привремено.

Струмица имаше во последните две децении свој ракометен клуб што го одржуваше жив овој спорт во градот. Од некогашната Супера, потоа Зомимак, Макс Струмица до денешниот Астраион салата „Парк“ го чувствуваше ракометниот шарм.

Ѕвездените моменти беа во ерата на Зомимак, екипа која стана вицепрвак на Македонија, обезбеди играње во СЕХА и во групната фаза на ЕХФ Европската лига, па во „Парк“ стигнаа и многу звучни имиња како Монпеље, Спортинг и Скјерн. Тоа беше врвот, оттаму полека колата тргна надолу, десет години се ближеше кон крајот за конечно да запре пред стартот на оваа сезона. РФМ се обиде да му помогне на клубот, но одлуката е конечна.

Ситуацијата станува загрижувачка затоа што се засили трендот на откажување и намалување на бројот на ракометари. Астраион е последниот во низата во која се и Борец, Металург, Скопје, Кузман, Гевгелија.
Веројатно овој процес не е завршен, проблеми има и во други клубови кои засега успеваат да ја држат главата над водата. 

Формула што ќе функционира и ќе го запре ваквиот процест е тешко да се напише. Можеби германскиот модел во кој и на највисоко ниво географски блиски градови и општини се здружуваат и одржуваат еден клуб (Флензбург и Хандевит, Хановер и Бургдорф, Либек и Швартау итн.)  е добра идеја.