Владимир Радиќ е на нова, германска мисија

Фото: Владимир Радиќ, приватна архива 

Помладите ракометни фанови и работници сигурно имаат слушнато за него, а меѓу (малку) повозрасните има изградено статус што е за почит и минат труд што заслужува посебно место во ракометната историја на Македонија.

Владимир Радиќ е ракометен работник целиот свој живот и има значителен придонес во обликувањето е етаблирањето на ракометот како спорт број еден во државата уште од моментите на осамостојување во периодот на популаризацијата особено на женскиот ракомет своевремено со Кометал Ѓорче Петров, клуб што беше локомотива која го влечеше спортот не само во Македонија, туку беше една од перјаниците на целиот Балкан и респектабилен во цела Европа.
Паралелно, неговата едукативна улога за време на целата кариера зависно од аголот од кој се гледа има можеби и поголема тежна, ако се земат предвид бројките на деца што минале низ неговата школа и каков финален продукт потоа е добиен.

Владимир Радиќ одбра нова мисија, овој пат надвор од Македонија. Работи на физичка спремност на млади спортисти, во Германија. Франкфурт е неговата нова дестинација, а таму под закрилата на тениска академија продолжува да го работи тоа за што се специјализираше целиот живот. Задоволни се двете страни во приказната што има предуслови да трае и да биде успешна.