- 
            
            27.10.2025
        
- 
                          
                Македонски ракомет
        
        Фото: РФМ
Машката сениорска репрезентација на Македонија во јануари ќе настапи на Европското првенство што ќе го организираат Данска, Шведска и Норвешка.
Македонија во Групната фаза ќе игра во Данска, во салата Јуске Банк Боксен во градот Хернинг каде што играше и во 2014 година, а противници ќе и бидат репрезентациите на Данска, Португалија и Романија, по тој редослед.
Две репрезентации ќе продолжат во Главната рунда, за две првенството ќе заврши по групната фаза.
Не е сеедно кое место ќе биде освоено, меѓу сите третопласирани ќе има нов ранкинг по кој ќе се одреди кои репрезентации ќе бидат носители во ждрепката за Светското првенство во 2027 година.
И овој пат ќе решава секој освоен бод, а досегашното искуство вели дека и вкупната гол разлика ќе игра (решавачка) улога.
Првата и последна ЕХФ Недела во која селекторите ќе можат да ги тестираат своите играчи, дури и да експериментираат со играта, поставите, да даваат шанса на повеќе ракометари и да го осмислуваат финалниот ростер, почна денеска и ќе трае до 2 ноември.
Наредниот собир, ќе биде во втората половина на декември и тоа ќе бидат финални подготовки во кои акцентот ќе биде на најдобрите во моментот.
Македонија оваа „Недела на ЕХФ“ ќе ја искористи за два натпревари со репрезентацијата на Јапонија, предводена од Тони Херона. Нетипичен противник, можеби најбрзиот тим на светот ќе биде гостин во Скопје и Куманово. Скопскиот дуел ќе биде од затворен карактер, во Куманово на 1 ноември ќе се игра, веруваме пред полни трибини.
Кирил Лазаров во овој момент има многу проблеми со тимот. Надвор од строј подолго време се Марко Митев, Милан Лазаревски, Ненад Костески, Томислав Јагуриноски и Цветан Кузманоски. Нивното враќање на терен се очекува во следните 30-тина дена, а во моментов симболично се во резервниот тим.
Кратката епизода со можното враќање на Дејан Манасков во репрезентацијата немаше среќен крај, па шанса ќе добие Петар Атанасијевиќ кој враќањето на формата примарно ќе го бара преку националниот тим.
Првиот собир репрезентацијата ќе го има денеска во 13:30 часот во Скопје, попладне и првиот тренинг.