Photo: International Handball Federation/ IHF
Неделата на ЕХФ е во тек и за прв пат во новата сезона репрезентациите се во преден план пред клупските натпреварувања.
Насекаде низ Европа се играат контролни натпревари, а на дело ќе ги видиме и трите противници на Македонија на ЕП 2026, Португалија, Данска и Романија.
Репрезентацијата на Португалија е поразена од Египет (28-32) на првиот од двата планирани натпревари што ќе се играат во Португалија. Селекторот Переира на овие натпревари ги нема браќата Мартим и Кико Кошта, Руи Силва, Мигуел Мартинс, Александре Кавалканти...
Данска ја совлада Норвешка (38-33) во првото коло од Златната лига на која играат уште и Холандија и Фарски острови.
Симон Питлик постигна девет, Матијас Гидсел осум, Емил Јакобсен беше стрелец на пет гола во рутинската победа на Данска.
Холандија, пак, победи (30-29) на дуелот со Фарски острови во првото коло. Поранешниот пикер на Вардар, Ларс Коиј постигна 9 гола, а дебитираше за Холандија екс играчот на Е. Пелистер, Рение Табоада и тој постигна еден гол.
За тимот на Фарски, Оли Митун, Елијас Елефсен а Скипаготу и Хакун Вест ав Тајгум постигнаа по 6 гола.
Шпанија славеше победа над комплетната Шведска (34-30), на меч што се играше во Линкопинг. За тимот на Жорди Рибера дебитираше кралскиот внук, Пабло Урдангарин и тој постигна две гола. Новата шпанска ѕвезда, Маркос Фис (18), син на легендарниот кубански ракометар Хулио Фис исто така дебитираше за „хиспанос“ и постигна четири гола.
ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ
РЕЗУЛТАТИ
ДАНСКА – НОРВЕШКА 38-33
ХОЛАНДИЈА - Ф. ОСТРОВИ 29-28
ПОРТУГАЛИЈА - ЕГИПЕТ 28-32
ШВЕДСКА - ШПАНИЈА 30-34
ХРВАТСКА - ШВАЈЦАРИЈА 29-26
ГЕРМАНИЈА - ИСЛАНД 42-31