ГРК Охрид влезе во Топ 16 на ЕХФ Куп

Фото: ГРК Охрид

ЕХФ ЕВРОПСКИ КУП
МРК СЛОГА ДОБОЈ – ГРК ОХРИД 18-42 (9-18)
Бајовиќ (5 одб), Џенадија 5, Милисављевиќ 5 – Пилиповиќ (14 одб), Савревски 9, Љапис 5

Екипата на ГРК Охрид, единствениот тим што остана во конкуренција во Европскиот Куп се пласираше во Топ 16 на ова натпреварувње.
Вечерва, охриѓани славеа уште една висока победа над екипата на Слога Добој, овој пат на гостински терен (42-18) и сега ќе го очекуваат следниот противник во нокаут фазата што ќе се игра во февруари.
Охриѓани во Добој допатуваа со плус 18 и немаше дилеми околу патникот во следната рунда, но коректно го одиграа и реванш натпреварот и славеа со уште поубедлива разлика.

На теренот во Добој, ракометниот храм познат по ТВ турнирот на шампионите, турнир што на клупски план (можеби) има најмногу изданија воопшто во ракометниот свет, доминираа охриѓани уште од првиот момент. Поведоа со 6-1, 12-3, а по нецели 20 минути веќе беше 10 гола разлика (14-4). До крајот доминацијата на Охрид стануваше сѐ поизразена.

За одбележување е остварувањето на Давид Савревски кој беше стрелец на девет гола и тоа во рамки на 35 минути игра. Ова би требало да е неговата најдобар партија не само откако е дојден во Охрид, туку можеби и воопшто досега.
Охриѓани по три дена ќе го дознаат противникот со кого ќе се борат за влез меѓу најдобрите осум. Поволност за македонскиот тим е што ќе биде во првиот шешир и ќе ги избегне звучните противници. Но, Татабања и Бешикташ ќе бидат меѓу осумте екипи што ќе бидат можни противници и тоа ќе донесе тензија при извлекувањето.