Вардар го преживеа и Охрид и остана без пораз

Фото: ГРК Охрид

ГРК ОХРИД – ВАРДАР 1961 26-28 (23-14)
Ѓукиќ 5, Крсманчиќ 5, Иванковиќ 5, Стрмљан 5 – Хориха 8, Митровиќ 6, Кавада 6

Екипата на Вардар 1961, лидерот во македонската Суперлига останува единствената екипа со сите победи во сезоната, а нив по вечерашниот дери дуел со ГРК Охрид ги има вкупно 14.
Ова беше првото гостинско дерби за Вардар и сосема добро се снајдоа ракометарите на актуелниот вицепрвак, додека за ГРК Охрид ова е првиот пораз на домашен терен во првенството.

Вардар 1961 добро подготвен за тоа што го чека во Охрид го почна мечот во „Билјанини извори“. Поведоа со 4-1 гостинските ракометари и по само пет минути игра му дадоа насока на натпреварот.
Домашниот состав се доближи на 3-4, но Вардар погодуваше, главно преку Димитро Хориха (6/7 во првиот дел), а охриѓани кога и да добиваа шанса да влезат во серија или ќе погрешеа или ќе промашеа или немаше да успеат да се одбранат.

Во таков ритам се одигра целиот натпревар. По 20 минути игра сѐ чинеше дека Вардар има сѐ под контрола, поведе со 13-8, но се вратија домашните во игра и на полувреме се замина само со гол предност за гостите (14-13).
Истото сценарио беше пресликано и во вториот дел. Вардар набрзина се одлепи на 17-14 и потоа го исконтролира резултатот до крајот на мечот.
Домашниот состав, имаше свои шанси да се врати во игра и да ја направи завршницата неизвесна, но ги промаши клучните напади.
Вардар од друга страна не успеа да направи клучна разлика, но реално не беше доведен во опасност. Кавада умешно ги реализираше седмерците, Митровиќ погодуваше кога ќе станеше малку покритично и Вардар имаше недостижни 28-24 на минута и пол до крајот, по што Охрид само го нашминка конечниот резултат.

ДЕНЕШНИ РЕЗУЛТАТИ:
ГРК Охрид – Вардар 26-28
ГРК Тиквеш – Струга 32-25
МРК Куманово – Е. Пелистер 2 30-28
Прилеп – Бутел Скопје 30-20
Радовиш – Пролет 23-30
Утре играат:
19:30 Е. Пелистер - Алкалоид