Распродадени билетите за дербито во Битола

Фото: Mkdhandball

Битола оваа сезона е на добар пат да постави рекорд по број на гледачи на нивните натпревари во Суперлигата и во Лиата на шампионите. 
Трендот е особено силен во последните два месеца во кои во „Боро Чурлевски“ дојдоа Барса, Магдебург, Пик Сегед од Лигата на шампиони, а билетите се распродадоа за помалку од еден час. 
Слично беше и на натпреварот со Алкалоид кој беше експресно распродаден, а денеска истото се случи и за следниот дерби меч, најголемиот во македонското првенство, против Вардар 1961.
Битолскиот клуб денеска објави дека билетите за мечот со Вардар 1961 се продадени за помалку од 1 час. 

Вардар 1961 во Битола ќе дојде во среда (10.12.2025) и со себе ќе донесе четири бода предност. Тоа ја прави исклучително важна оваа средба, затоа што скопскиот тим има шанса да зададе можеби решавачки удар за шампионот. 
На Е. Пелистер му е неоходна победа за да остане со подобри шанси во битката за одбрана на тронот, затоа што бодовите ќе се пренесат и во Плејоф продолжението.