-
22.12.2025
-
Македонски ракомет, Коментар
Заврши неколкумесечната предигра за првиот голем настан во 2026 година. На истекот на календарската година е првиот собир на нашиот најдобар тим, машката сениорска ракометна репрезентација. Тим што традиционално без ниту еден прекин од 2012 година наваму (ќе) учествува на големо натпреварување.
Осми пат по ред од вкупно девет учества, втор пат во данскиот град Хернинг по 2014, Македонија ќе игра на Европско првенство (ЕП, ЕХФ Еуро).
Натпреварите ќе се играат пред 15.000 гледачи во „Јуске Банк Боксен Арена“, исто како и пред 12 години, а противниците овој пат се Данска (16 јануари), Португалија (18 јануари) и Романија (20 јануари).
По неколку годишна постепена смена на играчката генерација, Македонија е многу блиску до моментот да има комплетно нова генерација, а притоа резултатски не истрпи падови. Последниот, пак, настап на големо натпреварување, јануарското во Хрватска, даде надеж дека во и во оваа генерација има потенцијал најмалку за задржување на досегашниот рејтинг.
Најголемиот испит ќе биде токму во Данска во јануари, затоа што ЕП 2026 е всушност и квалификацискиот циклус за Светското првенство 2027 во Германија.
Уште овој и следниот циклус ќе бидат во актуелниот формат, пред да се променат квалификациите и за пласман на СП да се играат квалификациски групи што би требало да биде, условно кажано малку полесен или пообјективен пат до СП.
Во сегашниот, пак, систем, пласманот на ЕП директно влијае на шансите да се игра на мундијалот во 2027.
Тоа ќе биде и примарната цел на македонската репрезентација на следното ЕП – пласман во првите 16 екипи. Шест од овие екипи ќе одат директно на СП, другите 10 ќе играат еден бараж квалификации, но ќе бидат во првиот шешир.
Репрезентациите што ќе завршат на 17 и 18 место ќе играат еден бараж, но таму ќе бидат во вториот шешир, а репрезентациите што ќе завршат последни во групата, односно од 19-24 место ќе играат два бараж натпревари.
Шансите на Македонија, а кон нив мораме да гледаме реално и овој пат се против нас. Данска е првиот фаворит на турнирот за златен медал и тоа во таков процент што големо изненадување ќе биде ако не го освојат ЕП.
Португалија е полуфиналист од јануарскиот мундијал и во своите редови има двајца ракометари (браќата Кошта) за кои Барселона се спрема да плати отштета поголема од 1 милион евра и ги гледа како гаранција дека и во иднина ќе биде светски број 1. Но, не само тие двајца, таму има најмалку уште пет играчи што имаат висок рејтинг.
Сакале-нејќеле Романија ја гледаме како тим против кого мораме до бодови, но многу погрешно да се потцени земја во која буџети поголеми од 600.000 евра имаат екипите што се на 12-13 место и тоа во женската лига. Со години тие се обидуваат да најдат начин како големите пари што се трошат во ракометот (спортот воопшто) да се пресликаат резултатски и во репрезентацијата.
Фактот дека на највисоко ниво, не ракометната федерација, туку нивниот Парламент изгласа закон со кој 40% од играчите на терен мора да се домашни играчи говори многу за тоа колку се тие сериозни и колку поразлично размисуваат, на пример од нас.
Сето ова прави претстојното ЕП да биде многу попредизвикувачко, но со тоа и поинтересно. Македонија нема да има луксуз да си дозволи да потроши топка повеќе ниту со Данска, а не пак со другите екипи. Вистински тест за пристап, дисциплина, професионално однесување, знаење и квалитет.
Македонската публика можеби најмногу од сѐ ги сака резултатите, но од друга страна, пак, секогаш и знаела добро да процени кога тимот на теренот го дава максимумот и како што вели флоскулата „гине“ на терен.
Денеска репрезентацијата ќе го има првиот собир, а во јануари е ЕП, празник за сите што слават ракомет.