Фото: РФМ
МАКЕДОНИЈА - БАХРЕИН 32-28 (15-13)
Репрезентацијата на Македонија денеска го одигра првиот контролен меч во 2026, а противник на нашиот најдобар состав беше репрезентацијата на Бахреин.
Овој натпревар се играше како дел од 52 издание на турнирот „Yellow Cup“ што традиционално се одржува во Швајцарија.
Македонија го совлада тимот на Бахреин и со победа ја отвори 2026 година. Утре на распоред е дуелот со Украина, потоа и со Швајцарија потоа нашиот тим патува за Хернинг каде што на 16 јануари ќе го почне настапот на ЕП.
Македонскиот тим одигра сосема солидни 27 минути и три хаотични минути во првиот дел што за епилог имаа резултат 15-13, водство на македонскиот тим, но и резултат со кој Бахреинците можеа да бидат позадоволни.
Македонија го контролираше натпреварот од почетокот и во првите 15 минути водеше со еден до два гола разлика (5-3, 6-5).
По 15 минута, водството се зголеми за плус еден гол и така беше до 21 минута кога Игор Ѓоргиев од соло акција од танзиција постигна гол за плус четири (11-7). Македонија водството од четири гола го одржуваше до 27 минута кога при резултат 14-10 имаше напад за плус пет.
Тој напад заврши со загубена топка, а потоа во обид да поправат што можат до крајот на полувремето, нашите ракометари одиграа два хаотични напади и место планираните плус пет, Бахреин намали на 12-14, а потоа со гол во последната секунда и на 13-15 што беше конечен резултат по 30 минути игра.
Почетокот на вториот дел беше налик на крајот на првото полувреме и тоа доведе во 38 минута Бахреин да израмни (18-18), а во 40 минута прв пат да дојде и во водство (19-18).
Тоа беше знак за мало будење, почна побрзо да се движи низ теренот македонскиот тим, па и покрај пар грешки што се провлекоа, веднаш се врати во водство (21-20), а селекторот на Бахреин, Роберт Хедин, побара минута одмор.
Во 45 минута, Игор Ѓоргиев ја доведе Македонија во водство од 23-21, во следниот напад и до 24-22, а потоа истиот играч изнуди пенал и исклучување. Кузмановски шутираше прецизно и со својот шести гол ја доведе Македонија во водство од 25-22 во 50 минута.
Филип Кузмановски постигна два гола по ред, а Македонија во 52 минута стигна до максималните плус пет (29-24).
Во 55 минута Костески од контра напад погоди за 30-25 и тоа практично беше крај на надежите на Бахреинците.
Следуваа уште пар успешни и пар неуспешни контра напади, но во 58 минута беше 32-25 и победникот на мечот беше решен.
РАСПОРЕД НА ТУРНИРОТ
1 Коло, резултати:
Швајцарија – Украина 38-28 (19-14)
Македонија – Бахреин 32-27 (15-13)
Петок, 9 јануари
17:45 Македонија – Украина
20:15 Швајцарија – Бахреин
Сабота, 10 јануари
15:30 Бахреин – Украина
18:00 Македонија – Швајцарија
Денеска се одиграа неколку контролни натпревари на кои настапи и репрезентацијата на Данска, нашиот прв противник на ЕП. Тие уште еднаш демонстрираа сила, овој пат над Норвешка и ја победија со осум гола разлика.
ДЕНЕШНИ РЕЗУЛТАТИ
Данска – Норвешка 34-26
Португалија – Египет 31-31
Шпанија – Словачка 43-26