Македонската јавност вчера имаше можност да го види на дело нашиот најдобар тим, против најдобриот тим во светот во моментов. Имавме можност да видиме уште нешто – нулта толеранција за бавна игра. Данската публика веднаш реагира на успорување на игратa, судиите веднаш сигнализираат пасивна игра. За бавниот ракомет овде велат дека се играл некогаш на времињата. Веројатно и заборавиле кога било тоа.
Разликата е што во Македонија, бавната игра се уште се етикетира како тактичка, форсирана е од тимовите и толерирана и од судиите и покрај тоа што голем дел од нив се до меѓународен беџ.
На меѓународната сцена, пак, тоа не е случај. ЕП ќе биде доказ за тоа.
Македонија имаше пех на стартот на ЕП да игра против ракометен Плејстешн и 15.000 навивачи со нулта толеранција за бавен ракомет.
„Овие ноќи особено за стручниот штаб и за тренерите секогаш се непреспиени, особено по натпревар, без разлика дали е победа или пораз, морате да сработите тоа што било и тоа што ве очекува. Кога се работи за Данска, ние не се прашуваме дали можеше подобро или полошо, така е кога играте со најдобрата репрезентација во светот. Тие се подготвуваат за да станат европски шампиони, можеш некако да ги изненадиш десетина минути, но потоа со еден тајмаут се се менува, покажуваат сила и тоа е тоа. Ние треба што поскоро да ги заборавиме Данците кои одат по европско злато, а ние треба да продолжиме по нашиот пат“, вели Лазаров.
Следниот противник исто така не крие дека е дојден на ЕП по медал
„Португалија е одлична репрезентација која можеби е дојдена да се бори за медал, но не е нивото на Данска. Ние мораме да бидеме позитивни и доста реални, да се обидеме да одиграме подобро од вчера, да бидеме покомпетитивни од дуелот со Данска. Треба да бидеме цврсто на земја, да знаеме што сакаме, да се договориме како ќе играме и доколку ни се отвори шанса да се обидеме да направиме изненадување. Нивните апетити се поголеми по полуфиналето на СП, веруваат дека сега можат и до медал на европското првенство. Ќе се обидеме да им го отежниме планот, па ќе видиме како ќе изгледа тоа утре“, истакнува Лазаров.
На ЕП барем кога е Данска на теренот не се толерира играњето на бавен ракомет...
„Ние треба да се водиме и да учиме од нив, од Данска и од Португалија. Ние не треба да играме македонски, тоа го повторувам дека нашата лига и стилот на игра во неа е голем проблем бидејќи е тешко сега да влезеш во ритам на брз ракомет кога играчите со месеци на клупски план се далеку од тој ритам. Како ракометна нација што многу дава важност на својата репрзентација, треба сите многу повеќе да се посветиме на фаќање на тие трендови, да го следиме ова ниво. Мене ми е се многу јасно, се борам заедно со стручниот штаб и со играчите, воопшто не е лесно, но стремиме кон тоа. Некогаш и блиц-успех е само залажување, некогаш можеби е добро да се удриш во ѕид за да се освестиш, иако не посакуваме овој јануари во Хернинг да се удриме во тој ѕид. Проблем ни е што брзо влегуваме во опасност од пасивен напад, тоа се одразува на нашиот напад, мораме тоа да го поправиме, побрзо да наоѓаме решение. Ако Португалија не доведе најмалку 7-8 пати да влеземе во опасност од пасива, тогаш ќе имаме голем проблем“, порачува македонската ракометна легенда.
Македонија ги загуби последните две квалификациски средби со Португалија, но Лазаров верува дека нашата национална селекција има значителен напредок во однос на тие средби.
„Мечот Португалија – Романија од вчера воопшто не е репер, можеше да мине и полошо за Романците, а Португалија во услови на убедлива предност си добија можност да пробаат некои работи. Ние го имаме нивото во однос на поразите од последните квалификациски мечеви. Ние имаме пораснато во однос на тие средби, сега сме репрезентација со глава и опашка. Ние сме Македонци и поразите тешко ни паѓаат, па дури и од една Данска, еве сега на доручек владееше некоја мала депресија иако на сите им е јасно со каков ривал игравме“, вели Кире Лазаров.