-
28.1.2026
-
Планета ракомет
Репрезентацијата на Исланд е вториот полуфиналист на Европското првенство што во Главната фаза се игра во Данска и Шведска.
Исланд денеска се сретна со уморната Словенија и откако ги исцеди од противникот сите сили во првиот дел што заврши со водство од 18-16 во второто полувреме комплетно доминираа исландските ракометари и победија со убедливи 39-31. Клучните моменти беа воведните 10 минути во второто полувреме во кое од 19-18, Исланд со серија од 7-2 стигна до 26-20.
Словенија која на ова ЕП настапи без важни играчи како Алекс Влах, Миха Зарабец, потоа Малус, Цехте, Благотиншек итн. постигна резултат над очекувањата, но подвлечено, ќе игра квалификации за СП 2027 каде што ќе биде во истиот шешир со Македонија.
Исланд профитираше од вчерашното фијаско на Шведска на дуелот со Унгарија и не ја пропушти новата шанса што му се укажа.
Крилото со марвеловско име, Один Тор Рикардсон со осум гола беше најефикасниот играч на Исланд, додека крилото на Словенија, Домен Новак со девет гола беше најефикасниот играч на натпреварот.
Истовремено, во Хернинг, во многу позвучниот дел на шампионатот, силите ги одмеруваа Португалија и Шпанија. Португалските ракометари го збришаа „хиспанос“ тимот и победија со осум гола разлика (35-27).
Франциско Кошта со седум и Мартим Кошта со шест гола беа најефикасните ракометари на португалскиот состав.
Сега Португалија ќе се надева на победа на Германија над Франција и на тој начин да дојде до меч за петтото место и директен пласман на следниот мундијал.
ИСЛАНД – СЛОВЕНИЈА 39-31 (18-16)
ШПАНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА 27-35 (12-16)
18:00 ХРВАТСКА – УНГАРИЈА (МТВ 1, Арена Спорт Премиум 2)
18:00 ГЕРМАНИЈА – ФРАНЦИЈА (МТВ 3, Арена Спорт Премиум 1)
20:30 ДАНСКА – НОРВЕШКА (МТВ 3, Арена Спорт 9)
20:30 ШВЕДСКА – ШВАЈЦАРИЈА (МТВ1)
ТАБЕЛА 1
1. Данска (6), 2. Германија (6), 3. Португалија (5) 4. Франција (4), 5. Норвешка (3), 6. Шпанија (2)
ТАБЕЛА 2
1. Исланд (7) 2. Хрватска (6), 3. Шведска (5), 4. Словенија (4), 5. Унгарија (2), 6. Швајцарија (2)