ЕХФ си ја „призна“ вината, ќе менува и распоред и систем на ЕП

Откако врхушката на Европската ракометна федерација (ЕХФ) се соочи со реалноста, а таа е дека генерално целата спортска јавност е против нив, објави ново соопштение со кое практично си ја призна вината за лошата осмислената организација на тековното првенство и ги најави промените за следните шампионати.

Распоредот на натпревари ќе биде адаптиран за да им олесни на играчите и да обезбеди баланс за сите учесници во поглед на одмор и патувања.
За женското ЕП 2026 во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција, деновите за патување и деновите за одмор ќе бидат одвоени.
На машкото ЕП 2028 во Шпанија, Португалија и Швајцарија нема да се играат два меча за два дена. Деновите за одмор и деновите за патување ќе бидат одвоени.

За женското ЕП 2028 во Норвешка, Данска и Шведска како и за сите натамошни Европски првенства од 2030 година, ЕХФ преговара со организаторите за воведување на 1/4 финале. Ако биде усвоена промената на системот на натпреварување и биде воведено 1/4 финале, максималниот број на натпревари (9) ќе остане ист. Еден ден пауза меѓу натпреварите ќе биде минимум, а деновите за патување ќе бидат одвоени од деновите за одмор.