Португалија е петтата европска сила

Португалија е петтата ракометна сила во Европа. Денеска во атрактивен меч без притисок и со многу голови, Португалија минимално ја совлада репрезентацијата на Шведска и го освои петтото место на Европското првенство.
Конечниот резултат е 36-35 (16-16), а стрелец на победничкиот гол, буквално со звукот на сирената е Мартим Кошта, МВП играч на мечот. Претходно на само пет секунди до крајот, пикерот Оскар Бергендал стрелаше прецизно за израмнување на 35-35 и се чинеше дека ќе гледаме продолженија.

Натпреварот немаше резултатско значење затоа што Данска и Германија се пласираа во полуфиналето и затоа директно место на СП 2027 обезбеди и шестопласираниот тим во случајов, Шведска.

Португалија, екипа која што беше во истата група со Македонија во Групната фаза и против која одигравме нерешено, уште еднаш потврди дека е тим од светскиот врв.

На минатото СП беа полуфиналисти, сега се на петтото место, ја победија Данска пред 15.000 домашни фанови, го имаат во моментов вториот стрелец на ЕП, имаат четири номинации за ол стар играч на ЕП.

Генерално, можат да бидат многу, многу задоволни со напредокот и квалитетот што го покажаа.