-
20.2.2026
-
Македонски ракомет
Фото: РК Еурофарм Пелистер
Екипата на Висла Плоцк го совлада Еурофарм Пелистер во 11 коло од Лигата на шампионите, на натпревар што се одигра во Битола (28-25) и практично ги избриша и така малите шанси на македонскиот тим за пласман во Плејоф фазата од ЛШ.
На хартија шансите сѐ уште постојат, но сега се веќе во домен на теорија или чудо, затоа што за таков подвиг меѓудругото ќе му треба и победа над Барса и тоа во Шпанија.
Висла Плоцк очигледно имаше извлечено поуки од претходното гостување во Битола од кое заминаа поразени, па овој пат не оставија речиси ништо на случајот. Битолчани не отворија добро, потрошија три топки во напад, а беа казнети со два гола на Митја Јанц и еден на Мелвин Ричардсон за водство од 3-0 за полскиот состав. Подоцна беше 4-1, 5-2, 8-4, па и максимални 13-8, пред да биде поставен резултатот на полувреме 13-9.
Во вториот дел Висла поведе и со 20-14, но не се распадна домашниот тим туку влезе во серија и намали на само еден гол разлика (19-20).
Немаше израмнување, Висла веднаш преку Ричардсон и Јанц се врати на плус три и до крајот на натпреварот го контролираше резултатот.
Петар Атанасијевиќ, Жарко Пешевски и Домен Тајник постигнаа по четири гола и беа најефикасните ракометари во редовите на Е. Пелистер, додека кај гостинскиот состав Митја Јанц со седум и Герго Фазекаш со шест постигнати гола беа најефикасни играчи.
Во следното коло, Е. Пелистер му гостува на тимот на ГОГ од Данска.