Денеска се игра големо дерби во Охрид

Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски

Викендов што е пред нас ќе биде исполнет со врвен домашен ракомет, затоа што се играат два дерби натпревари меѓу екипите од водечката четворка на табелата.
Попладнево со почеток од 18:00 часот во „Билјанини извори“ во Охрид ќе се сретнат екипите на ГРК Охрид и Алкалоид, во моментов трето и четвртопласираните екипи во Суперлигата.

Двата тима тима имаат шанса да се борат и за второто место што носи директен пласман во Европската лига. И третото место би требало да биде во конкуренција за настап во ова натпреварување, но ќе треба да бара унапредување, а какви ќе бидат шансите да го добие е отворено прашање.
ЕХФ сѐ уште ги нема објавено позициите на земјите за изменетиот состав во Лигата на шампионите, следствено и за Европската лига за да се има појасен увид во тоа како ќе тече распределбата на местата во Европа следната сезона.

Тоа нема да смета на денешната битка, екипите веќе ги имаат зацртано своите резултатски планови и очекуваме 60 минутно шоу во кое овие два клуба ќе покажат сѐ што знаат.

Утре, пак, во Битола ќе се игра уште едно големо дерби во кое актуелниот првак Е. Пелистер ќе го пречека годинешниот фаворит број 1 за шампионскиот пехар, екипата на Вардар 1961.