ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР - АЛБОРГ 24-23 (12-11)
Кадетската екипа на Еурофарм Пелистер се пласираше во финалето на групата што се игра во Пореч, Хрватска каде што за пат во Келн ќе игра против подобриот од дуелот меѓу екипите на Загреб и Берлин.
Екипата на Е. Пелистер денеска го совлада тимот на Алборг од Данска (24-23) и сега уште 60 минути ги делат од второто учество на Кадетскиот Фајналфор од ЕХФ Младинскиот клупски трофеј.
Андреј Георгиев е новата ѕвезда на битолскиот ракомет. Тој денеска на данските врсници им даде 12 гола, а беше следен од Јован Симоновски кој постигна пет гола, Павел Вељановски, Тео Спировски и Стефан Василевски постигнаа по два гола, додека Горазд Мијалчев беше стрелец на еден гол.
За Еурофарм Пелистер настапија и голманите Василиј Пајковски и Јован Мацанковски, потоа Алексндар Дуковски, Лука Кочанов, Томислав Кебаковски, Владимир Марковски, Давид Здравковски, Константин Бундалевски и Иван Митровски.
Екипата од клупата ја водат Фарук Мемиќ и Кире Митревски.
РК Еурофарм Пелистер водството го презема по дваесетина минути игра, откако Данците водеа минимално на отворањето на натпреварот. На полувреме беше 12-11 за битолчани, а клучен беше влезот во вториот дел кога македонскиот тим поведе со 15-11. Потоа до крајот на натпреварот го контролираше резултатот, вклучително со финишот во кој имаше водство од 24-22 на минута до крајот и не дозволи противникот да израмни.
ЕХФ Младинскиот клупски трофеј е ново клупско натпреварување, ова е неговото второ издание. Учествуваат кадетските екипи на клубовите што се натпреваруваат во Лигата на шампионите во сениорска конкуренција.
Е. Пелистер минатата сезона настапи на Фајналфор турниорт што се играше како предигра на сениорскиот Ф4.
Годинава има реални шанси да го повтори успехот.