-
12.5.2026
-
Македонски ракомет
Се одбројуваат последните часови пред заминувањето на македонската репрезентација за Прешов каде што во четврток со почеток од 19:00 часот ќе го игра првиот меч од двобојот со репрезентацијата на Словачка за пласман на СП 2027.
Македонскиот тим се подготвува во Скопје, а селекторот Кирил Лазаров ги има расположливи ракометарите што ги селектираше за првиот меч.
Подготовките ги почнаа и Словаците. Тие се прв пат без капитенот Љубомир Дуриш кој ја заврши кариерата во претходниот бараж кога ја елиминираа Украина. Нов капитен е голманот на унгарскиот тим Будаи, Мариан Жернович. Тој изјави дека ќе биде поинаку без долгогодишниот капитен Дуриш, затоа што тој бил лидер и пример за сите играчи и на теренот и вон теренот. Воедно ја прогласи Македонија за фаворит, за да го намали притисокот врз своите соиграчи.
„Имаат добар тим, многу играчи од еден клуб што е голема предност затоа што ќе бидат доста добро координирани. Тие се фаворити во овој Плејоф. Знаеме дека квалитетот е на нивната страна, но со таа улога доаѓа и притисок. Тие ќе го носат товарот, ние ќе играме релаксирано, но во исто време мораме да играме одговорно и да покажеме дека и натаму напредуваме и дека одиме во вистинскиот правец“, изјави новиот капитен на репрезентацијата на Словачка, голманот Мариан Жернович.