Македонија се пласираше на СП 2027!

МАКЕДОНИЈА – СЛОВАЧКА 38-23 (18-11)
Најдобри стрелци за Македонија: Кузмановски 11, Велковски 6, Лазаревски 5, 

Репрезентацијата на Македонија се пласираше на Светското првенство што во јануари 2027 година ќе се одржи во Германија.
Македонија одигра два бараж натпревари со репрезентацијата на Словачка и победи на двете средби. Првата во Прешов пред три дена заврши со победа од 31-24, а и вечерва во Скопје славеше македонската репрезентација.

Натпреварот во Скопје беше таков каков што можевме само да посакаме. Македонија беше сериозна, уште во воведните минути одбраната помогната од голманот Мартин Томовски ги запре словачките ракометари и веќе по седум минути игра на семафорот беше 4-1. Македонија играше разновидно, продолжи да доминира на натпреварот, поведе со 7-2, потоа беше 9-3 и селекторот на Словачка реши да го прекине текот на натпреварот со прв тајм аут.
Новото највисоко водство Македонија го достигна при резултат 13-5, а потоа следеше мини серија од 3-0 на гостите и намалување на резултатот на 8-13.
До крајот на првиот дел, Македонија водеше и со 15-8, а гостинскиот голман Матуш Митошинка ги одржуваше во едноцифрена негатива гостите со неколку атрактивни одбрани. По 30 минути игра, резултатот беше 18-11 за репрезентацијата на Македонија.

За првото двоцифрено водство требаше да почекаме да поминат пет минути во второто полувреме. Овој пат со Никола Митревски на голот, македонскиот тим се одбрани во неколку напади, реализираше контранапади и поведе 23-13. Филип Кузмановски играше одлично во овој период и како стрелец и како асистент.
По седум минути игра во вториот дел, селекторот на Словачка беше приннуден уште еднаш со тајм аут да го пресекува ритамот на мечот, затоа што Македонија имаше плус 11 (24-13), а Словачка не изгледаше спремна да одговори на новиот тек на мечот. 

Тајм аутот на Фернандо Гурих имаше ефект врз неговиот тим, Словачка почна да игра поодговорно и одново врза серија (3-0), по што и селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, побара тајм аут. 
Мартин Велковски играше одлично во напад по тајм аутот на Лазаров, па сееријата на Словачка беше запрена, а мечот се играше во ритам гол за гол. Новото двоцифрено водство (28-18) го запишавме во 45 минута од натпреварот, а две минути подоцна и новото највисоко водство (31-19). Следеше серија на потези и голови што измамуваа аплаузи од полната сала, а Македонија поеде и со 15 гола разлика (36-21) во 54 минута.
До крајот рутинирано приведен мечот до крајот и ракометарите заслужено се радуваа на пласман на ново Светско првенство.