Фото: ГРК Охрид
Екипата на ГРК Охрид денеска во Унгарија ќе го игра првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп против домашната екипа Татабања.
Ова ќе биде првиот од двата најважни европски натпревари во историјата на клубот. Прв пат охриѓани се наоѓаат во меч за шампионски пехар во Европа и покана за друштвото на македонски клубови во кое во моментов членуваат екипите на Кометал Ѓорче Петров, Вардар и Алкалоид.
Тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ има проблеми со тимот во кој и денеска ќе ги нема Вуко Борозан и Стефан Петриќ, го нема ниту Ален Ќосевски.
Во официјалните состави што денеска ги објави ЕХФ, во тимот на ГРК Охрид го нема ниту хрватскиот голман Кристијан Пилиповиќ. Негово отсуство не е најавено, а тој вчера тренираше со екипата.
Дали се работи за грешка во пополнувањето на записникот или е нешто друго во прашање, чекаме потврда. Во моментов во ростерот на охриѓани се заведени 14 ракометари.
Годинешниот ЕХФ Куп имаше таков тек што ГРК Охрид и Татабања се издвоија како главни кандидати за пехарот, иако мораа во последните фази да дадат сѐ од себе за да стигнат до финалето. Охрид мораше на пенали да се пресметува со Целје Пивоварна Лашко, а изненадувачки најголеми проблеми на тимот на Татабања му направи турската екипа Бурса која не беше далеку од сензација и елиминација на фаворизираниот унгарски состав.
Натпреварот ќе се игра со почеток од 17:00 часот, а директен ТВ пренос ќе има на МРТ и на ТВ Арена Спорт 5.