ГРК Охрид со победа се враќа од Унгарија!

ТАТАБАЊА – ГРК ОХРИД 28-29 (8-13)
ГРК Охрид: Пилиповиќ (12 одб), Ѓукиќ 7, Иванковиќ 7, Љапис 5, Стрмљан 4, Јасухира 4, Ојлески 2


Екипата на ГРК Охрид има меч топка на домашен терен за прв европски шампионски пехар на клубот. Денеска на првиот финален натпревар одигран во Татабања, екипата на ГРК Охрид славеше минимална победа над домашниот состав и на 31 мај во Билјанини извори ќе треба да остане непоразен за да го крене шампионскиот пехар.

На победа не и се гледа во заби, но по конечните 29-28, ГРК Охрид е тој што треба да „жали“ за ваквиот епилог, затоа беше доминантен тим во најголемиот дел од натпреварот, а имаше и плус седум гола предност во еден момент.

Можеа охриѓани комплетно да го отпишат тимот на Татабања од трката за шампионски пехар, но имаа и еден лош период од 48 до 52 минута во кој од водство 25-20 им дозволија на домашните да се приближат на 24-25, дури и да поведат 28-27 во 58 минута. Сепак, имало правда, па Охрид изведе мини пресврт во последната минута и стигна до минимална, но заслужена победа која гарантира возбудлив ренваш во кој шансите ќе бидат на страната на македонскиот тим.

Што се однесува до денешното финале, Охрид предводен од својата одлична одбрана на чело со Реј Ориол и голманот Кристијан Пилиповиќ комплетно ги парализираше домашните напаѓачи и набрзо Охрид имаше комотно водство (6-2, 10-5, 12-7) и 13-8 на полувреме.

Вториот дел беше похаотичен од повеќе аспекти, особено судиски одлуки. Прво Охрид остана без двајца играчи, веднаш потоа Татабања беше со четири играчи во поле, потоа уште еднаш домашните беа во иста ситуација и воопшто во првите десетина минути немаше период во кој екипите беа комплетни на теренот.
Резултатот за среќа не претрпе големи промени и Охрид беше сигурен се до таа 48 минута кога Татабања го почна налетот за пресврт кој за малки и ќе и успееше.

ГРК Охрид има одличен резултат, иако не е завршена работат, но шансите наголемо ќе бидат на страна на охриѓани, посебно поради фактот дека Татабања не се покажа како квалитет за да биде сметана за фаворит. Напротив, ГРК Охрид изгледаше и подобро и подобро организирано и поквалитетно од противникот. Останува да верува во себе и да ја повтори денешната партија, а ако тоа му појде од рака, тогаш пехарот од ЕХФ Европскиот Куп ќе остане во Македонија најмалку уште една година.