Спектакл во Кисела Вода: 580 дечиња го означија почетокот на Државното првенство на Плазма Спортските игри за млади

Денеска на Плоштад „Расадник“ во oпштина Кисела Вода беше отворено Државното првенство на Плазма Спортските игри за млади. Најдобрите 580 деца од четирите региони во Македонија се натпреваруваа во десет спортски дисцплини: Coca-Cola Cup 2011, мал фудбал, баскет 3х3, ракомет, одбојка и одбојка на песок, атлетика, народна топка, пинг-понг, тенис и шах.



Победниците (вкупно 204 деца) од првото издание на Плазма Спортските игри за млади ќе патуваат на меѓународната завршница, која од 17 до 22 август ќе се одржи во Сплит. Таму нашите „симовци“ ќе имаат можност не само да се натпреваруваат, туку и да се дружат со своите врсници од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија.

Општина Кисела Вода повторно се покажа како одличен домаќин на големи спортски настани. Токму оваа општина ќе влезе во историјата на Плазма Спортските игри за млади во Македонија.Од Плоштад „Расадник“, 580-те дечиња испратија една порака – спортот е единствената алка што обединува.

Плазма Спортските игри за млади се едно од најголемите аматерски спортски натпреварувања во Европа, со една и единствена цел – бесплатен спорт за секое дете. Токму благодарение на Владата на Република Македонија и премиерот Христијан Мицкоски, СИМ дојде и во нашата земја.

Македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски, заедно со еден од најдобрите македонски спортисти, освојувачот на златен и сребрен олимписки медал во борење Шабан Трстена, како и Меланија Гроздановска (фудбал), Катерина Ацевска (џиу-џицу) и Аце Станковски (ракомет), го донесоа пламенот на пријателството и на тој начин го означија стартот на Државното првенство.

Химната на Македонија ја изведе, Бисера Мојаноска од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, додека пак настап имаше и танцова група: ученици и ученички од ООУ „Братство Единство“ од Охрид.





На свеченото отворање на Државното првенство на присутните им се обрати министерот за спорт, Борко Ристовски, кој истакна дека заедно со Владата на Република Македонија ќе продолжат да ги поддржуваат најмладите.

Претседателката на Плазма Спортските игри за млади, Елена Мицковска, им посака на децата успешни натпревари и многу насмевки, потенцирајќи ја важноста на спортот.

„Драги деца, не можам да опишам колку сум среќна што денеска во Општина Кисела Вода се одржува Државното финале. Ние сме тука поради вас. Спортот е движечка сила и најголем амбасадор на една држава, а токму младите спортисти го докажуваат тоа. Дружете се, негувајте фер-плеј, еднаквост и толеранција, тоа се вистинските вредности на спортот.





Би сакала да им се заблагодарам на Владата на Република Македонија и на премиерот Христијан Мицкоски, на министерот за спорт Борко Ристовски, како и на нашите спонзори: Пивара Скопје, Плазма, Шпаркасе Банка и Шпаркасе Лизинг. Благодарение на нив, секое дете може да спортува бесплатно.“

На идните спортски ѕвезди им се обрати и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

„Денес Кисела Вода испишува историја како прва скопска општина домаќин на Државното првенство во рамките на Плазма Спортските игри за млади. Горди сме што токму овде ќе се создадат првите македонски претставници кои ќе нè гордеат на меѓународното финале во Сплит.
Симболично, овој настан се одржува пред комплетно реновираната сала „Расадник“, која од руина ја претворивме во репрезентативен спортски храм. Ова е само дел од нашата континуирана мисија. Интензивно инвестираме во изградба на нови и обнова на постојните спортски сали во сите наши училишта, бидејќи спортот е најмоќната алатка за правилен развој на секое дете.

Сакам да упатам искрена благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до Владата на Република Македонија, како и до Федерацијата на училишен спорт, за нивната посветеност и поддршка, благодарение на кои овие Игри станаа дел од нашата спортска мапа. Нашата порака до децата е јасна: натпреварувајте се, дружете се и уживајте, затоа што вие сте идните шампиони во кои ние веруваме“, истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

На младите „симовци“ им се обратија и Снежана Савиќ Димовска, директорка за корпоративни работи и одржливост во Пивара Скопје, и Марина Алавантија Славковска, раководител на Службата за маркетинг, комуникации и партнерства во Шпаркасе Банка.

Во првата сезона во Плазма Спортските игри за млади се натпреваруваа над 26.000 дечиња.






 

Поврзани вести