Јасухира потпиша за ГРК Охрид од 2027

Фото: ГРК Охрид

Најомилениот јапонски спортист во Македонија, Косуке Јасухира ќе се врати во ГРК Охрид, но претходно ќе одработи уште една сезона во својот сегашен клуб, Бурган од Кувајт.
Косуке Јасухира и ГРК Охрид се договорија за соработка за две сезона, 2027-2029 и охриѓани можат мирно да спијат затоа што нивниот проект сигурно ќе оди напред и тоа со јапонски гаранции.
Косуке Јасухира во Македонија дојде во Вардар 1961 како позјамен играч од полската Висла Плоцк каде што не ја доби вистинската улога. Во Македонија се покажа во извонредно светло, но замина во Кувајт. Пролетва ГРК Охрид го ангажираше за финалните натпревари од сезоната и тој веднаш се претвори во лидер на тимот и го одведе до пехарот од ЕХФ Европскиот куп.
Мораше назад во Бурган со кого го освои Азискиот шампионат, а во меѓувреме охриѓани со петиција бараа од клубот да го врати назад.
Нивната и клупската желба ќе се оствари следната година и ќе го имаат под свое и во наредните две.
 

"Среќен сум што само по една сезона ќе се вратам во Клубот со кој го освоив првиот Европски трофеј. Рибари и охриѓани се гледаме за кратко и заедно ќе атакуваме по уште многу титули" - изјави Косуке Јасухира.

ГРК Охрид сезонава аплицираше за надградба и очекува вести од Виена во поглед на добивање на т.н. вајлд карта за настап во ЕХФ Европската лига. 
Додека се чека белиот чад од Виена, веќе трета недела се работи на реновирање на салата „Билјанини извори“. Се средуваат соблекувални, подтрибински простор, нарачани се семафори итн. со што клубот треба да отиде едно ниво повисоко од досега.