Photo: International Handball Federation/IHF
Екипата на Висла Плоцк, противникот на Вардар 1961 во Лигата на шампионите најверојатно ќе остане без една од двете големи ѕвезди на тимот.
Норвешкиот голман Торборн Бергеруд наводно е на излезна врата од клубот и ќе се врати во скандинавијата, односно во Данска. Неговиот нов тим ќе биде Фредериција, екипа што во Бергеруд гледа решение за проблемот што им се појави откако нивниот голман, Себастијан Франдсен потпиша за екипата на Бјерингбро Силкеборг.
Бергеруд беше во плановите на Висла Плоцк за следната сезона, а трансферот сѐ уште не е потврден, но скандинавски медиуми, меѓу нив и данската ТВ2 тврдат дека договор е постигнат.
Висла Плоцк на голманската позиција освен Бергеруд го има и Мирко Алиловиќ како еден од попознатите во тимот, но имајќи ги предвид нивните амбиции и апетити, сигурно нема да останат зависни само на услугите на 40 годишниот хрватски голман, туку можеби ќе предизвикаат друг домино ефект во некоја екипа, со оглед на тоа дека нема многу интересни слободни голмански имиња на пазарот, откако во првиот бран во кој беа неколку познати голмани (Портнер, Ферлин, Цар, Кастелиц, Мелер...) веќе најдоа соодветни средини.