Две Македонки следната сезона во Ц. Звезда

Во најдобрата српска женска екипа, следната сезона ќе играат две македонски ракометарки. Голманот Јована Мицевска се пресели од романската екипа Слатина, а од турскиот Одунпазар стигнува Елена Ѓоргиевска, една од најпознатите македонски ракометарки.
Белградскиот клуб летово направи поголема реконструкција и ангажираше неколку странски засилувања меѓу кои покрај Ѓоргиевска, најзвучното доаѓа од Германија, од екипата на Мецинген – Најна Клајн.
Нивните амбиции се големи, но уште во првото коло во ЕХФ Европската лига ќе бидат ставени на големо искушение. Во вчерашната ждрепка за противник во второто коло ја добија романската екипа Корона Брашов, каде што тренер е норвешкиот стратег Бент Дал, довчера селектор на Србија.