ИХФ ги укина санкциите за Русија и Белорусија

Photo: IHF

Следејќи ги одлуките на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) од 7 мај и 7 јули 2026 година, Советот на ИХФ реши да ја усогласи позицијата на ИХФ со најновите препораки на ИОК со тоа што веднаш ја укина забраната воведена на 4 март 2022 година за учество на руските и белоруските екипи, официјални лица, судии, предавачи и експерти на настани и активности организирани од ИХФ.

Оваа одлука на ИХФ е очекувана, но нема да значи експресно враќање на екипите и спортистите од овие две земји во натпреварувачките активности. Засега останува суспензијата изречена од Европската ракометна федерација (ЕХФ). Европа односно ЕХФ сега ќе се најде притисната од едната страна од препораката на ИОК и одлуката на ИХФ, а од другата страна од актуелната политика и ќе треба да носи тешки одлуки.
Дополнителна компликација е тоа што настап на настаните што ги организира ИХФ, односно Светските првенства се обезбедуваат преку настап во европските првенства и квалификации, каде што за овие две земји сѐ уште важат изречените санкции.