​Историски момент за Македонија: Елена Мицковска е член на Извршниот одбор на Светската федерација на училишен спорт


Историски момент за македонскиот спорт. Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, направи голем и значаен чекор за афирмација на нашата земја на меѓународната спортска сцена.

Со гордост ве известуваме дека Македонија за првпат доби свој претставник во Извршниот одбор (највисокиот орган на управување) на Светската федерација на училишен спорт (ISF), што претставува големо признание за досегашната работа, но и потврда за напредокот и развојот на училишниот спорт во нашата држава.

На Генералното изборно собрание, кое се одржува во Белград, а на кое присуствуваат претставници од земјите членки од целиот свет, Елена Мицковска ја претстави својата програма, визија, мисија и цели за иднината на училишниот спорт.

Нејзината визија и посветеност беа препознаени од земјите членки, како и од резибраниот претседател на ISF, Жељко Танасковиќ. Мицковска во следните четири години ќе биде дел од највисокиот орган на управување во Светската федерација на училишен спорт.



Од првиот ден на чело на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Мицковска работи посветено на унапредување на спортот кај младите преку поголемо учество на меѓународни натпревари, развој на нови проекти и воведување светски стандарди во училишниот спорт.

Македонија веќе се етаблираше како сериозен и зрел партнер на Светската федерација на училишен спорт. Доказ за тоа е успешната организација на Светското училишно првенство во ракомет, кое беше одржано во нашата земја и доби високи оценки од сите учесници.

Во своето обраќање пред земјите членки, Мицковска истакна дека Македонија е држава која силно верува во моќта на спортот, особено кога станува збор за развојот и иднината на младите генерации.

Како потврда за таа заложба, ги посочи поддршката и значењето на големите спортски проекти, меѓу кои Светското училишно првенство во ракомет и Плазма Спортските игри за млади, зад кои застанаа претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, и министерот за спорт, Борко Ристовски.

Новата улога на Елена Мицковска во Светската федерација на училишен спорт претставува уште едно признание за македонскиот спорт и можност гласот на Македонија уште посилно да се слушне на меѓународната сцена.

Генералното Собрание при ИСФ продолжува и во текот на утрешниот ден на кој ќе бидат донесени нови одлуки.