Конференција на клубови: Нов систем во Суперлига, Прва лига без странци...

Модифициран систем на натпреварување, не за претстојната туку за сезоната 2027/28 е главната вест од Конференцијата на клубовите на која се гласаа промените во пропозициите.
Споменатата сезона, 12 екипи откако ќе го одиграат Регуларниот дел од сезоната, ќе бидат поделени во три групи.
Во првата Плејоф група ќе играат четирите најдобри екипи и тие ќе се борат за шампионски пехар и распределбата на местата во Европските купови.
Во втората Плејоф група ќе играат четири екипи, тие со пласман од 5-8 место. Барем две од овие екипи ќе можат да аплицираат за место во Европа доколку останеме на сегашните позиции во Ранкингот за Европските Купови.
Екипите што ќе се пласираат од 9-12 место ќе играат Плејаут за опстанок. Последниот тим директно испаѓа од Суперлигата, претпоследниот ќе игра бараж натпревар.

Во Првата ракометна лига нема да биде дозволено да играат странски ракометари. Не дека досега ги имаше многу, главно беа двајца-тројца, но отсега и тие нема да имаат право настап. Со оваа одлука ќе биде избегнато сценарио, какво што сме имале шанса да видиме, а тоа е (која било) екипа од Првата лига инстантно да се засили со странски играчи и на тој начин да обезбеди пласман во Суперлигата.

Ракометната федерација на Македонија во соработка со охридската фирма STELLAR ќе им обезбеди опрема на прволигашките екипи во машка и женска конкуренција. По 16 ракометари и членови на стручниот штаб ќе добијат дресови и тренерки.