Уште една промашена шанса на кадетите

МАКЕДОНИЈА – ШВЕДСКА 29-33 (16-18)

Кадетската репрезентација на Македонија е поразена и во третото коло на М18 ЕХФ Еуро. По Словенија и Франција, бодовите од дуелот со Македонија ги освоија и ракометарите на Шведска.
Со овој пораз, Македонија во пракса ги загуби шансите да се бори за пласман од 9-16 место, па сега на следните два дуела, против Турција и Италија и потоа во вкрстувањето ќе се обиде да стигне до позиција да се бори за пласман од 17-20 место и да обезбеди опстанок на ЕП.

Мечот со Шведска можеме да го класифицираме како уште една промашена шанса за подобар резултат и пласман. Со борбеност, пожртвуваност, „паѓање“ на глава, македонските ракометари успеаја да ги прикријат речиси сите свои слаби страни. Тоа што не успеаја да го прикријат е реализацијата. Кога мораше да погодат – промашуваа.

Шведска ни пружи не една, туку четири-пет шанси за резултатски приклучок и пресврт, откако први стигнаа до комотно водство кое во 25 минута изнесуваше максимални шест гола (18-12).
Следуваше одличен финиш на македонските играчи, анулираа четири гола и на полувреме заминаа со достижни 16-18.

Во вториот дел, во неколку наврати Македонија имаше шанса да стигне до израмнување. Во првата шанса со играч повеќе и напад примивме три, а не дадовме ниту еден гол. Во втората имавме пенал за израмнување, а веднаш потоа и контра напад еден на еден што не беа искористени, во третата шанса промашен зицер, потоа направена техничка грешка и од 25-26, место реми видовме 25-30 на семафорот.

Покажаа борбеност, но не покажаа победнички менталитет на овој меч нашите ракометари. Го немаше тој „убиствен“ инстинкт што прави разлика меѓу победниците и тие кои со наведнати глави го напуштаат теренот. Шансите останаа неискористени, по втор пат на ова ЕП ќе жалиме за нив и тоа тука мора да престане.

Следните натпревари се на сѐ или ништо, во прашање е статусот на екипа што по две години ќе треба да игра на ЕХФ Еуро, а не на ЕХФ Шампионат.