Италија е новата шанса за прва победа на М18 ЕП

Македонските кадети утре со почеток од 14:30 часот ќе го играат својот четврти натпревар на ЕХФ Еуро. Досегашниот настап резултатски не беше успешен и тимот дојде во ситуција да се бори за опстанок на ЕП и сега мора да победува на секој натпревар за го задржи статусот.

Добрата вест е што противниците со кои отсега ќе играме, не се на ранг на екипите со кои досега игравме. Македонија заедно со Шведска е во Интермедија групата и следните два противника се Италија и Турција. Шведска и Италија имаат по два бода што ги пренесоа од Прелиминарниот дел.

Ако нашата репрезентација успее да победи на двата меча, тогаш најмалку што ќе биде пласирана е на второто место и ќе разигрува за пласман од 17-20 место. Исто како и јуниорите кои минатиот месец играа на М20 ЕХФ Еуро.

Репрезентациите што ќе се пласираат од 21-24 место испаѓаат од ЕП и во 2028 ќе играат на ЕХФ Шампионат. Но, ако домаќинот на тоа ЕП е меѓу нив, тогаш и 20 место ќе игра на ЕХФ Шампионат.

Комплициран систем и уште покомплицирана ситуација во која се доведоа кадетите. Бесцелно е сега да се гледа назад кон лошото второ полувреме со Словенија и промашените зицери со Шведска. Фокусот мора да биде на Италија и тука да се исправи и поправи сѐ што мора да се исправи и поправи од досега виденото.