Кадетската репрезентација на Македонија (М18) обезбеди опстанок на ЕП! По две години овој тим одново ќе игра на ЕП, тогаш како јуниори (М20), а има шанса да обезбеди пласман и на Светското првенство што ќе се игра следната година за ракометари до 19 години.
Денешната победа над Турција и вчерашната над Италија, беа доволни за Македонија да биде најдобро второпласирана репрезентација во Интермедија групата и заедно со првопласираните Шведска, Израел и Австрија ќе ги предизвикаат најслабите четири екипи од Главната рунда во битка за пласман од 9-16 место.
Европа има 15 места на следното СП, па со една победа во следните три натпревари, Македонија ќе може да обезбеди и пласман на СП.
Ова е пласман што е подобар од прикажаната игра на Македонија. Особено денеска на мечот со Турција на кој освен победа, требаше и што подобра разлика. Македонија имаше и плус шест, но не беше тоа игра во која секоја топка значи живот и беше ставено сѐ на коцка.
На крајот не спасија другите репрезентации. Особено беше жешко на дуелот меѓу Швајцарија и Чешка. Ако победеше Чешка или мечот завршеше нерешено, Чесите ќе беа најдобро второпласирани. Ако Швајцарија победеше со шест гола разлика, тогаш тие ќе беа најдобро второпласирани. И тоа благодарение на победата од само два гола на Македонија над Турција.
На три минути до крајот, Швајцарија водеше 31-25. За среќа на македонскиот тим, следните два гола ги постигна Чешка, па стана 31-27, а конечно мечот зарши 32-28. Резултат со кои се елиминираа меѓусебе Чешка и Швајцарија, а профитираше Македонија.
Во следниот меч противник на Македонија ќе биде најслабата третопласирана репрезентација од групите од Главната рунда. Потоа во зависност од резултатот ќе се знае дали ќе вкрстуваме за меч за пласман од 9-12 или од 13-16 место.