Алкалоид ги замени скопските горештини со многу подобри во прв ред временски услови за подготовка. Скопскиот состав пред почетокот и на оваа сезона е на Маврово, каде што има сѐ што му е потребно за да ги доведе сите ракометари во полна физичка форма, неопходна за стилот на ракомет што го игра екипата и за сите искушенија, а тие почнуваат уште месецов.
Подучени од минатите сезонуи, ракометарите и ова лето на Маврово се појавија речиси спремни.
„Ние работиме повеќе време и веќе воспоставивме ред и дисциплина и како минува времето сите станаа поквалитетни и свесни што е потребно за повисок перформанс и висок стил на игра, односно тоа што го бара Европа и што го бараат најдобрите клубови.
Задоволен сум од почетокот на подготовките, имаме добра атмосфера, квалитетни услови и работиме со голем елан и задоволство“, изјави Лазаров.
Лазаров е задоволен и од тимскиот ростер на Алкалоид за следната сезона. Стратегијата не се менува, а Алкалоид останува најголемиот производител на македонски играчи.
„РК Алкалоид заедно со РК Мулти Есенс уште од формирањето на клубот, одат чекор по чекор, стратегиски го развиваат клубот и македонскиот ракомет воопшто. Проектот РК Алкалоид и РК Мулти Есенс беше младински и пионерски првак и кадетски вицепрвак минатата сезона. Во моментот како клуб даваме повеќе од 50 репрезентативци во сите категории и продолжуваме да работиме на производство на ракометари и за клубот и за репрезентациите.
Со оглед на тоа дека нашите конкуренти се засилуваат и Суперлигата станува посилна, се одлучивме за мали промени за да добиеме дополнителен квалитет и да останеме компетитивни и на домашна и на меѓународна сцена.
Тоа што го создаваме и создадовме како квалитет го задржавме и се надополнивме со тројца искусни, квалитетни играчи кои треба да бидат додадена вредност.
Имињата не ја даваат целата слика, за да се направи тим треба да се работи, да има дисциплина да се воспостави систем. Од тоа што го гледам комплетно сум задоволен од сите играчи, а кога имате квалитет за работа многу е полесно и тренингот е порелаксиран.
Ако треба да сумирам, иако е рано, чувствувам задоволство како прв тренер. Ние сме професионалци, но во моментов професионализмот ни носи и големо задоволство“, вели Лазаров.
Договорени се и контролни натпревари...
„Во текот на планирањето на подготовките неколкупати го менувавме планот затоа што не знаевме детали околу Регионалната лига, како ќе се игра. По дефинитивната одлука дека ќе учествуваме и откако го дознавме распоредот, одлучивме да останеме во Македонија и да одиграме неколку пријателски натпревари, иако веќе беше доцна. Доцна ни беше и да прифатиме да играме на турнирите во Охрид и Струга, па ќе одиграме два пријателски натпревари со репрезентацијата на Египет, a и РК Нексе ќе биде наш гостин. Почнуваме овде на Маврово, со РК Прилеп. Првиот натпревар во Регионалната лига ни е со РК Партизан на 26 август, а дотогаш можеби ќе договориме уште еден натпревар“, изјави тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров.