-
06.8.2026
-
Македонски ракомет
На два натпревари до крајот на ЕП, македонските кадети можат да бидат задоволни со остварените резултати. Двете цели се исполнети, обезбеден е опстанок, ќе играат и на следното Европско првенство, а остварена е и втората цел, пласманот на следното Светско првенство.
Натпреварот со Фарски острови беше решавачкиот во вкрстувањето и сега Македонија ќе игра за пласман од 9-12 место. Ако победи на следниот меч со Португалија ќе игра за 9 место, ако не ќе игра за 11 место.
„Ова беше многу тежок натпревар, против Фарските Острови, репрезентација која има одличен систем на игра и речиси до перфекција ја игра 7 на 6. Уште во првото полувреме успеавме да го неутрализираме нивниот главен играч, Скипаготу. Одбраната функционираше одлично, а во нападот бевме трпеливи, дисциплинирани и точно знаевме што сакаме да одиграме.
Добро го отворивме и второто полувреме и успешно ја одржувавме предноста. Меѓутоа, по исклучувањето на Петар Николоски, нашиот главен играч во одбраната, се почувствува пад во одбраната, посебно на позициите три и четири. Во тие моменти голема одговорност презеде Марко Ѓорчевски, кој одлично ги затвори празнините и ни помогна да го приведеме мечот до посакуваниот крај.Имавме и дополнителен пех, бидејќи Стефан Ѓоргиески доби црвен картон, а Трајче Костов настапи со повреда, односно со пукнат прст и го реализира последниот гол. Но, и покрај сите проблеми, момците покажаа карактер, борбеност и тимски дух. Затоа сметам дека сосема заслужено стигнавме до победата“, изјави за селекторот Горан Кузманоски.
„Заслужено се наоѓаме на 12. место и зад нас остануваат репрезентации како Шведска и Норвешка. Сепак, не смееме да се опуштиме. Пред нас има уште два натпревари и треба да останеме максимално фокусирани. Ако успееме да избориме пласман на деветтото место на ова Европско првенство, тоа ќе биде огромен успех за оваа репрезентација, која без сомнение има квалитет и голема иднина“, додаде Кузманоски.