Кадетите се во Топ 10 на ЕХФ ЕУРО!

МАКЕДОНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА 26-25 (13-9)
Николовски 1 (13 одб), Фехми (1 сед), Дамчевски 7, Ѓоргиески 3, Поповски 4, Симоновски 2, Вујичевски 1, Костов 5, Симоновски 2, Ѓоргески 1, Лешниковски, Николоски, Јовиќ, Трсунов, Ѓорчески, Угреновиќ

Македонските кадети се во Топ 10 на Европското првенство што се одржува во Белград. Денеска, нашиот М18 тим со гол во последните секунди, дело на Трајче Костов, ја совлада репрезентацијата на Португалија (26-25) и во последниот меч ќе игра за деветтото место против подобриот од дуелот меѓу Израел и Австрија.

Од натпревар во натпревар македонскиот тим игра подобро, врзаа четири победи по ред, а дел од нив се извојувани во драматични завршници што е големо искуство за овие млади играчи кои брзо учат како се игра под притисок.
Но, се провлекуваат и истите пропусти од меч во меч, па место натпревари со рутинска завршница како резултат на добра игра и многу вложен труд низ текот на целата средба, гледаме натпревари со драматична завршница во која противникот сме го вратиле во живот.
Таков беше вчерашниот меч со Фарски острови, така беше денеска со Португалија.
Македонија одигра одлична секвенца кон крајот на првиот дел и со серија од 5-0 стигна до водство од 13-8. Имаше и последен напад на 20-тина секунди од првиот дел и тајм аут, но не постигнавме гол ние туку Португалија и на одмор се замина со резултат 13-9.
Во второто полувреме Македонија водеше со 21-15, но следните пет гола завршија во мрежата на нашиот голман и Португалија стигна до 20-21. Португалија лансираше извонреден играч. Нуњо Маркеш Соуса, играше симултанка и постигна девет гола, од кои осум во второто полувреме - сите од игра.
Македонските играчи до крајот добро се носеа со наметнатниот притисок. Не им дадоа шанса за пресврт на противниците.
Функционираше врската со пикерите, функционираа Дамчевски, Костов... И така беше до крајот, со тоа што и среќата им беше наклонета во неколку наврати на португалските играчи кои стигна до реми и посед на топка во последниот напад.
Но, погрешија и тие, а казната стигна преку Костов кој погоди за голема радост на македонскиот тим.