Македонија, Словенија и Србија објавија дека заеднички аплицираа за добивање на организацијата на машкото Европско првенство што треба да се одржи во 2034 година. Тоа е голем проект, со високи организациски критериуми што ги поставува Европската ракометна федерација. Токму поради тие критериуми, а и поради масовноста на самиот шампионат (24 репрезентации), самостојно одржување на такво првенство е скапо и најчесто економски неисплатливо, па ваквите здружувања станаа пракса, дури и кога се во прашање големи земји поткрепени со веќе изградена инфраструктура и ракометна традиција.
КАКВИ СЕ ШАНСИТЕ?
Оваа тројна апликација има големи шанси да ја добие организацијата на ЕП. Инфраструктурно нема да има големи проблеми со оглед на тоа дека сали што исполнуваат услови веќе има, а перјаницата на проектот е белградската „Арена“ . Сместувачки капацитети има повеќе од доволно, конекциите меѓу градовите се одлични.
Шансите значително растат, ако се земе предвид конкуренцијата, односно дека осум држави веќе добија организација на Европските првенства што ќе се играат во 2028, 2030 и 2032. Меѓу нив се Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Данска...
Домаќини на следните ЕП:
ЕП 2032: Германија и Франција
ЕП 2030: Чешка, Полска и Данска
ЕП 2028: Шпанија, Португалија и Швајцарија
Претходно организирани:
ЕП 2026: Данска, Шведска и Норвешка
ЕП 2024: Германија
Малку противкандидати остануваат, но реално е да се очекува дека ќе има и други номинации. Рокот за аплицирање истекува следниот месец, а досега се нема појавено информација дека некоја друга федерација планира да аплицира. Одлуката каде ќе се игра ќе ја донесе ЕХФ на Конгрес што треба да се одржи во Словенија следната година.
КАКО БИ ИЗГЛЕДАЛО ЕП 2034?
Ако дотогаш остане актуелниот систем на натпреварување, а тоа се 24 репрезентации што ќе бидат поделени во шест групи со по четири екипи во Прелиминарниот дел, потоа две групи со по шест екипи во Главната рунда и финален викенд, ЕП ќе се игра вака:
Македонија, Србија и Словенија ќе организираат по две групи во Прелиминарниот дел. Градовите во кои би се играло веројатно ќе бидат Скопје, Љубљана и Белград, иако не исклучуваме можност да биде додаден и некој друг град. Следејќи го минимумот, тоа може да се изведе во три сали во кои би се играло по два натпревари дневно.
Во Главната рунда критериумите се поостри, па тие две групи би се играле во Словенија и Србија каде што има сали со капацитет од 8.000 и повеќе.
Финалниот викенд би бил во Белград.