Лино Червар дебитираше во Битола

Битола почна да се загрева за претстојната ракометна сезона во која со реновиран тим и нов тренер ќе се обидат да ги остварат амбициите и да го задоволат вкусот на своите навивачи.
А битолската публика најави нова бурна сезона во салата „Боро Чурлевски“. На првиот меч во Битола, иако се работеше само на тренинг натпревар меѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, на трибината имаше околу 1000 гледачи.

Тоа е бројка за респект и убава најава за првиот натпревр од Регионалната лига против засилениот Партизан на Раул Гонзалез што по три дена ќе се игра во Битола, без оглед на тоа дека нема да има организирана навивачка група на трибините.

Лино Червар на своето неофицијално претставување во Битола славеше победа од 39-17 над помладиот втор тим на Е. Пелистер. Бројната публика имаше можност да собере први впечатоци за екипата што претстојната сезона ќе го носи клупскиот дрес, а вистинската слика ќе почне да се бистри од 23 август и најавениот натпревар со Партизан.