Охрид 2026: Загреб трет, Тримо е закана за Охрид и Алкалоид

Екипата на Загреб го освои третото место на летниот меморијален турнир во Охрид откако беше подобар од словенечкиот тим Тримо Требње.
Загреб беше во негатива во поголемиот дел од натпреварот, губеше и со четири гола разлика, но во второто полувреме успеа да фати подобар ритам на играње па на крајот видовме и драма од типот седмерци.
Клучна беше првата серија во која Тримо не погоди, а потоа до крајот загрепчаните ги реализираа сите пенали и го освоија третото место.

Што се однесува до Тримо, оваа словенечка екипа на турнирот во Охрид покажа дека располага со квалитет со кој може да се носи со сите екипи од регионов, вклучително со претставниците во ЛШ како што се Вардар и Загреб.

Тримо Требње годинава ќе игра во ЕХФ Европскиот Куп каде што според ранкингот, станува закана и потенцијален противник на Охрид и Алкалоид по две комплетирани кола или од 1/8 финалето, заедно со екипите на Војводина, Рунар и Бешикташ.

Петтото место на турнирот го освои екипата на Војводина, шесто место е Нексе, на седмото е Египет У20, а последен е тимот на Олимпијакос.