Е. ПЕЛИСТЕР - ПАРТИЗАН 35-31 (20-13)
Успешна беше премиерата на Лино Червар на клупата на Еурофарм Пелистер во Регионалната лига што оваа сезона ќе се игра низ Македонија, Србија и Црна Гора.
Гостин во Битола беше екипата на Партизан, тим предводен од Раул Гонзалез, кој пак, имаше лошо претставување на својот прв натпревар.
Еурофарм Пелистер победи без резултатски возбудувања 35-31 (20-13). Двете екипи, мирно и без брзање, дисциплинирано си ги одработуваа своите задачи во позициски напади и наместени одбрани. Е. Пелистер покажа повеќе комбинаторика, Партизан повеќе индивидуалност.
Битолчани постојано водеа со гол до два разлика, но во втората половина на првиот дел, проработе одбраната, Хеидарирад царуваше на голот, заредија лесни голови и разликата почна нагло да расте. Во еден момент, највисоката предност беше 18-11, на полувреме 20-13.
Во вториот дел, по три минути игра, Еурофарм Пелистер поведе со 10 гола разлика (23-13). Со овој резултат го дистигна врвот и тоа беше првото и единственото двоцифрено водство.
Лино Червар форсираше игра седум на шест, а таа во второто полувреме го покажа и другото лице. Неколку загубени топки во напад станаа лесни голови за Партизан и уште полошо го загуби ритамот што го имаше Е. Пелистер.
За десет минути по максималните 23-13, разликата беше преполовена, а Червар побара тајм аут. Партизан не се прослави вечерва. Дека очекувавме повеќе од нив е најблаго кажано за нивната игра. Единствено што вистински функционираше кај нив беше играта со корпулетниот пикер Тобијас Вагнер. Но и тие заиграа седум на шест, па брзо го вратија во игра Е. Пелистер. Потоа мечот се играше во безбедна зона за македонскиот тим од 5-7 гола разлика.
Како се ближеше крајот на мечот на кој веруваме му се радуваа и двата тима, разликата беше намалена и на четири гола, но немаше ниту ритам, ниту било какви други услови на теренот за да спреми сцената за драматичен финиш. Партизан беше победен уште таму некаде по 20 минута, другиот дел од натпреварот послужи за тренерите да си видат што имаат на располагање и што можат со својот тим.