Лино Червар, новиот Е. Пелистер и седум на шест

Еурофарм Пелистер и Партизан го одиграа својот прв меч од Регионалната лига пред полни трибини во Битола. Како што можеше да се претпостави, беше тоа натпревар на кој можеше да се види многу, но и да се сокрие многу. Особено е ова интересно кога станува збор за Лино Червар и Раул Гонзалез, два тренера што оставија длабок траг и во македонскиот ракомет.

Лино Червар, вчера ги сокри сите нови ракометари. Но, ја откри одново играта седум на шест.
Своевремено како тренер на Металург, Лино Червар беше пионерот во европскиот клупски ракомет со оваа тактика, а Македонија беше првата репрезентација што на СП почна да игра седум на шест. И резултатите воопшто не беа лоши со таа стратегија.
Но, не преживеа седум на шест во Македонија. Лино Червар имаше многу непријатели, седум на шест исто така. Кога Червар се повлече од македонската сцена, инстантно ја снема и седум на шест. Така од земја која прва ја играше оваа тактика и клуб кој и по 60 минути играше без голман, „следното“ утро ниту се играше, ниту се зборуваше за неа и одново се вратија ракометните тактики во комфорната зона.
Во меѓувреме други земји и екипи ја усовршија, па сега сме во проблем и кога ја играме и кога се браниме.

„Не знаевме што да очекуваме од Е. Пелистер. Нѐ изненадија со играта седум на шест, очекувавме да играат шест на шест“, беше искрен новиот ракометар на Партизан, Илија Абутовиќ, по натпреварот во Битола.


Ќе ја воскресне ли Червар одново оваа игра? Нема да му биде лесно како претходниот пат. Оваа игра може да биде многу ефикасна кога се ќе усоврши, но дотогаш во принцип бара многу внимание и долг напад. Таквиот бавен ракомет не беше популарен и пред 10 години. Зависи од интензитетот на играта и толеранцијата на судиите. Но, генерално, интенцијата е ракометот да се забрза, а не да се игра под рачна.

Следната недела ќе почнат да се отвораат картите кај сите екипи. Охрид, а особено Вардар тактизираше со екипата во финалето на турнирот и не покажа што знае. Е. Пелистер не ги покажа новите играчи на премиерата во Битола. Во среда на ред ќе биде и Алкалоид да видиме како изгледа.

И тука ќе биде подвлечена линијата и ќе почне вистинската игра. Потоа следат два големи дерби натпревари. Прво Вардар 1961 и ГРК Охрид ќе играат, овој пат очекуваме со сите сили и расположливи тактики во Суперкуп дуелот, а веднаш потоа во првото коло ќе го видиме Е. Пелистер на гости во Охрид.