ЖРК Куманово, првакот на Македонија од 2020 и 2021 и освојувач на Куп на Македонија од сезоните 2019, 2021 и 2023, нема да ја почне следнава сезона. Ракометната федерација на Македонија информираше дека овој клуб е исклучен од натпреварувањето, а согласно ранкингот од минатата сезона, неговото место ќе го заземе екипата на Деспина.
Ова е тажниот епилог на некогашниот шампион и Куп победник. Тие летово заминаа по патот по кој одеа и други екипи и други ракометни шампиони. Беше предвиливо и ова сценарио откако клубот практично престана да функционира. Заминуваа играчи, немаше подготовки, немаше ниту ефикасна иницијатива да се запре крахот. РФМ чекаше до последен момент да се променат работите, не се променија и мораше да биде донесена непопуларна, но неизбежна одлука.
Ракометната Федерација на Македонија информира дека, согласно член 23 од Пропозициите за натпреварување во Супер женската ракометна лига, екипата на ЖРК Куманово се исклучува од натпреварувањето во Супер женската ракометна лига.
Согласно ранкингот од натпреварувачката сезона 2025/26, РК Деспина е нов член на Супер женската ракометна лига. Ова следува по претходно донесената одлука на ЖРК Овче Поле СУ да продолжи да се натпреварува во Првата женска ракометна лига.